Декларација на Општиот конгрес на ВМОРО во 1908 година | ||||||||
ДЕКЛАРАЦИЈА на Општиот конгрес на Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација во 1908 год. 1. Мирцштегската реформска акција Совршено неубедлива по содржина, Мирцштегската реформска акција не даде никакви практични резултати. Единственото средство за да се прекине владеачката анархија, поужасна од порано, и да се воведе вистински ред во земјата е автономијата, и за нејзиното постигање Организацијата ќе оди неограничено по својот револуционерен пат. Конгресот изјавува протест за исклучувањето на Одринско од објектот на реформската акција. 2. Идната дејност на организацијата Конгресот го нагласува чисто револуционерниот карактер на Организацијата не само по однос на крајниот идеал, туку и во нејзината тактика. Главната и непосредна задача на Организацијата е полната и сестрана борбена подготовка на населението. Еволуциската тактика, при денешните услови во организационата територија, е апсурдна и треба да биде туѓа на Организацијата. Културно-економската дејност се прифаќа само толку, колку што потпомага и не е во спротивност со непосредно борбените задачи на Организацијата. 3. Организацијата во Одринско Организацијата има предвид особените услови во Одринско и ќе се сообрази со нив во идната своја дејност во тој крај. 4. Четничкиот институт Природниот продукт на револуционерниот развиток, четничкиот институт, при новите услови за дејност, се укажува за непригоден во неговата досегашна форма. Наместо чети во секој реон ќе се определат нужниот број на инструктори, кои ќе го обучуваат населението во боево искуство и ќе раководат со неговата непосредна борба против пропагандите. Чети засега се предвидуваат само таму, кадешто вооружените пропаганди особено беснеат, а населението не е во состојба да се самозаштитува. 5. Организацијата и Бугарија Конгресот не може да й го одрече природното право на Бугарија да се грижи за судбината на своите сонародници во Турција. За жал, конгресот треба да констатира дека бугарските влади немале изработено една јасна и постојана македонска политика и дека често го експлоатирале ослободителното дело за нему туѓи цели. Во предвид на тоа, конгресот го обврзува претставништвото да биде особено претпазливо спрема официјалните фактори на Бугарија и да ја брани по секоја цена, независноста и престижoт на Организацијата. 6. Организацијата Егзархијата Конгресот смета дека Егзархијата, како единствена легална културно-просветна установа на неослободените Бугари, треба да биде неутрална спрема револуционерното движење. Најпосле, усвоената политика на Егзархијата, изразена преку непријателски дејствија кон Организацијата, ќе се гони, колку тоа и да е непожелно. За последиците од таа политика Организацијата ги смета за одговорни, како централната егзархијска власт, така и нејзините црковно-училишни органи. 7. Организацијата и пропагандите По однос на пропагандите конгресот стои на становиштето, кое што беше усвоено од конгресот во 1905 год. Организацијата продолжува да ги смета пропагандите, а особено нивниот вооружен курс, како штетни за ослободителното движење и ќе ги гони поенергично од било кој друг пат . 8. Убиството на Сарафов, Гарванов и Даев Конгресот, откако ги разгледа претходните факти за убиството на Гарванов, Сарафов и Даев, а исто така и самопризнанието и објаснувањата на виновниците, што се содржат во нивното отворено писмо, заклучи дека убиството е издиктирано од стремежот на неговите автори да й се наложат со најосудувачки средства на целата Организација. Во својата желба да го зачува единството и дисциплината на Организацијата и да го изкорени системот на своеволијата и предвид заканите во отвореното писмо за нови убиства, конгресот реши, потписниците на отвореното писмо, како и физичките убијци, да се исклучат од редовите на Организацијата и да се сметаат за нејзини непријатели. Од бирото на конгресот |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||